Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека нуклеарната сенка повторно се надвила над човештвото, додавајќи дека ризикот од нуклеарен конфликт е поголем отколку во кое било време за време на Студената војна.
„Геополитичките поделби, непромислената трка во вооружување создадоа целосна блокада. Армиите работат на развој на страшни нови технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција и системи за автономно оружје. Нуклеарната сенка што се надѕираше над човештвото во текот на минатиот век се врати“, рече Гутереш.
Тој додаде дека одредени државници „редовно имплицираат дека се подготвени да создадат нуклеарен пекол“, што, според него, е срамna закана што светот мора јасно и остро да ја осуди.
„Нарушени се нормите и стандардите против ширење, тестирање и употреба на нуклеарно оружје. Всушност, фрустрацијата на повеќето држави од бавното темпо на разоружување доведе до преговори за Договорот за забрана на нуклеарното оружје“, рече првиот човек на Обединетите нации.
Тој го повтори повикот да се забрза спроведувањето на сите обврски за нуклеарно разоружување, вклучително и Договорот за неширење на нуклеарното оружје и додаде дека треба да се почитува Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните тестови.
„Светот повеќе не смее да биде заложник на овие средства на смртта“, рече Гутереш.