Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска допатува во Киев за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пред да ја посети нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија.
Гроси истакна дека е „многу загрижен“ што нуклеарната централа Запорожје може да биде вовлечена во контраофанзивата на Киев против руските сили. Тој додаде дека ќе ја процени ситуацијата на терен и има намера да остане во централата неколку часа.
МААЕ минатата недела соопшти дека ѝ е потребен пристап до теренот во близина на централата за да го провери нивото на водата откако акумулацијата изгуби голем дел од својот обем поради уништувањето на браната Каховка.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за саботажа на браната, чие уништување резултираше со катастрофални поплави. Западните земји велат дека сè уште собираат докази, но веруваат дека Украина немала причина да донесе таква катастрофа на себе.
Нуклеарната централа Запорожје користи езеро за ладење за да ги заштити своите шест реактори од потенцијално прегревање. Украинската компанија за нуклеарна енергија денеска соопшти дека нивото на водата во езерото е стабилно и доволно високо. Утрово нивото беше 16,67 метри, што според „Енергоатом“ е „сосема доволно за задоволување на потребите на централата“.
Езерото вообичаено беше надополнето со вода од браната Каховка, но нивото на браната сега е премногу намалено.