Четири лица во Австралија се пренесени вчера во болница откако гром ги удрил во близина на операта во Сиднеј, соопштија локалните власти. За време на силна бура, четири лица се сокриле под дрво во близина на познатата знаменитост и биле погодени од гром.
Доминик Вонг од Службата за брза помош во Нов Јужен Велс изјави за новинарите дека жртвите претрпеле изгореници и некои проблеми со срцето по инцидентот во ботаничката градина во Сиднеј.
„Сите накратко изгубија свест. Во случај на бура, не е добро да се бара засолниште под дрво“, рекол Вонг.
Двајца мажи и две жени по ударот на гром биле пренесени во болница кадешто им била укажана прва помош. Властите велат дека тие се здобиле со сериозни повреди, но се во стабилна состојба.
Сиднеј вчера го зафати силно невреме со грмотевици кое остави без струја повеќе од 10.000 домаќинства и бизниси. Претходно денеска, властите ја затворија главната писта на аеродромот во Сиднеј на околу 20 минути, откако гром удри во асфалтот и создаде дупка.