Стотици летови низ Германија се откажани поради екстремните временски услови кои ја придружуваат снежната бура Гертруда, а на патниците им се препорачува да го проверат статусот на летот пред да се упатат кон аеродромот.
Аеродромот во Франкфурт беше најтешко погоден, каде беа откажани 570 од 1.047 летови.
„Поради најавените временски услови, на 17 јануари ќе има откажување на летови на аеродромот во Франкфурт, што се очекува и на 18 јануари“, се вели во соопштението на портпаролот на аеродромот во Франкфурт. Погоден е и аеродромот во Минхен каде се откажани 254 летови.
На западот на Германија беше затворен аеродромот Забрикен, а доцнења и откажувања на летови се забележани и на аеродромите во Дизелдорф и Келн. Откажувањата се очекува најмногу да ја погодат Луфтханза, која има свои бази на аеродромите во Франкфурт и Минхен.
Поради екстремните временски услови, во прекин беше и железничкиот сообраќај во Германија, а државниот оператор Дојче Бан предупреди на доцнење и откажување. Компанијата откажа неколку меѓуградски линии и објави дека максималната брзина на возовите е ограничена на 200 километри на час.
Локалните власти претходно соопштија дека невремето однело и жртва кога 86-годишен маж загинал, откако бил удрен од автомобил додека го чистел снегот од тротоар, а една жена која возела се здобила со полесни повреди.