Германија ги објави плановите за изградба на железнички тунел низ Рудна Гора за да ги подобри врските со Чешката Република и да ја ослободи долината Елба, пренатрупана со сообраќај.
Железничкиот тунел ќе биде изграден на потегот од германскиот град Хајденау до чешкиот град Усти на Лаба и би бил долг околу триесет километри.
„Се разгледуваа и други опции, но беше заклучено дека тунелот е најдоброто решение, од економски, еколошки и технички причини“, објасни во понеделникот германската државна железничка компанија „Дојче Бан“.
Проектот има приоритетен статус за европската инфраструктура, бидејќи железничките линии низ долината Елба се речиси максимално оптоварени, а им се закануваат и поплави.
Тунелот ќе го скрати патувањето од Прага до Дрезден од 2,5 часа на само еден час, исто така ќе ги подобри сообраќајните врски на Германија со Виена, Братислава и Будимпешта и ќе биде дел од поширокиот европски железнички коридор на потегот од германските пристаништа на Северното Море и Балтикот до Истанбул и Атина.
„Проектот ќе го зголеми и товарниот капацитет на клучната врска меѓу Германија и другите централноевропски земји“, изјави Мартин Валден, директор на „Дојче Бан“ во германската покраина Саксонија, каде што ќе се гради тунелот.
Според сегашните планови на „Дојче Бан“, работата на изградбата на тунелот треба да започне околу 2032 година и да трае околу 12 години.