Герасимов: Воено-политичката ситуација во светот се влоши поради желбата на Западот да доминира

valery-gerasimov-830x0.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Командантот на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, Валериј Герасимов денеска оцени дека воено-политичката ситуација во светот се карактеризира со зголемен број на вооружени конфликти во различни региони, а клучната причина за ваквото влошување на ситуацијата е, како што тврди, желбата на Западот да ја задржи доминацијата.


„Ова придонесе за натамошен пад на регионалната и меѓународната безбедност“, рече тој на брифингот пред воените претставници на странските земји во Русија, пренесе агенцијата Тас.

Според Герасимов, главната причина за тоа е желбата на Западот, на чело со САД, да ја задржи својата глобална доминација. Како што додаде, тензиите во Европа растат бидејќи воената инфраструктура на НАТО се приближува до границите на Русија. Во исто време, Герасимов посочи дека предизвикување конфликти под покровителство на САД може да се види на Блискиот Исток, Европа и Африка. Како што истакна рускиот функционер, светот истовремено станува сè посвесен за потребата да се спротивстави на таквите западни политики.

Тој нагласи и дека учеството на колективниот Запад во конфронтацијата со Русија, преку конфликтот во Украина, создава глобални ризици. Според Герасимов, кога станува збор за моменталната ситуација во Украина, руската армија има иницијатива и напредува по целиот фронт и покрај тоа што Западот му дава огромна помош на Киев, пренесува Танјуг.

Како што истакна, околу 4,5 илјади квадратни километри украинска територија во 2024 година падна под контрола на Русија, а од почетокот на специјалната операција, украинската армија претрпе загуби од околу милион убиени и ранети. Зборувајќи за руската стратегија за нуклеарно одвраќање, Герасимов рече дека таа не се дефинира со меѓународни обврски, туку со потребата да се одврати агресорот, како и да се неутрализираат заканите од потенцијалниот непријател. Според него, САД сакаат да создадат нови, подеструктивни видови оружје и затоа се повлекле од меѓународните договори за контрола на оружјето.

Рускиот воен претставник додаде дека многу земји почнале да размислуваат како адекватно да одговорат на повлекувањето на Вашингтон од тие договори, сфаќајќи ја опасноста од таквите чекори на САД.

Герасимов се осврна и на развојот на руските вооружени сили, додавајќи дека бројот на нивните припадници е зголемен на 1,5 милиони, како и дека меѓу другото е формирана нова формација на Воздухопловните сили и дека формирањето на првиот полк опремен со противвоздушен ракетен систем „С“ е при крај.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK