(Фото) Очај во Либан, луѓето бегаат во огромни колони: „Ова е војна за истребување“

liban-begstvo.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Патиштата во Либан се во хаос. На снимката се гледаат гужви и преполни автомобили. Луѓето се во бегство: од јужните делови на земјата бегаат кон главниот град Бејрут, а од исток бегаат кон планинските предели. Или едноставно – каде било. Либанските медиуми известуваат за илјадници луѓе кои бегаат од нападите на израелската армија.


Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари најави подготовки за голем и насочен напад во долината Бека.

„Ги советуваме цивилите во либанските села, кои се во близина на згради или во згради што ги користи Хезболах за воени цели или каде што се складира оружје: за ваша сопствена безбедност, веднаш да ја напуштите опасната зона.

Воздушните напади се интензивни: според податоците на либанското Министерство за здравство, во последните израелски напади загинале и се повредени стотици луѓе – меѓу нив жени, деца и медицински работници, пишува Дојче веле.

По две серии експлозии на комуникациска опрема во Либан минатата недела, конфликтот меѓу Хезболах и Израел значително се интензивираше. Сега Израел ги гаѓаше југот и истокот на земјата – каде наводно се наоѓаат упориштата на Хезболах.

И многу команданти на Хезболах беа убиени во тие напади, објавија арапските медиуми. Хезболах, од своја страна, истрелува ракети кон Израел и сè уште верува во победа.

Сепак, поранешниот бригаден генерал на либанската армија Елиас Хана смета дека оваа милиција е ослабена. „Хезболах се обидува да ги надомести лидерите што ги загуби“, изјави тој за арапскиот канал Ал Џезира.

„Но, Израел не им остава простор да ја вратат иницијативата“, додаде Хана.

Крајот на конфликтот не се гледа. На улиците на главниот град на Либан, Бејрут, луѓето се сè попесимисти. Тие се плашат од нова војна.

Еден случаен минувач вели: „Во секој случај, постои страв бидејќи сега се возвраќаат нападите. Ако Хезболах направи голем удар, Израел ќе одговори и ќе уништи уште повеќе. Не можеме повеќе да го издржиме ова“.

Либанската влада ја обвинува израелската армија дека води „војна за истребување“. Здравствениот систем во земјата е на работ и презаситен од големиот број повредени. Сега училиштата се користат за сместување бегалци. Ова претставува огромен предизвик, особено затоа што многу бегалци од соседна Сирија веќе живеат во долината Бека во исклучително тешки услови. Веројатно и за нив доаѓа ново бегство.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK