Европската комисија денес презентираше акционен план за електрификација со цел да се зголеми уделот на електричната енергија во вкупната потрошувачка на енергија на 46 проценти од сегашните 23 проценти до 2040 година.
Иако 70 проценти од електричната енергија во ЕУ се произведува од домашни чисти извори, обновливи извори и нуклеарни централи, нејзиниот удел во финалната потрошувачка стагнира со децении на околу 23 проценти, бидејќи е значително поскап од гасот. Во исто време, ЕУ е многу зависна од увозот на фосилни горива, увезувајќи повеќе од 80 проценти од гасот и повеќе од 90 проценти од нафтата.
„Најдобриот начин да се намали зависноста на Европа од фосилната енергија е да се снабдува нашата економија со електрична енергија од чисти домашни извори. Денес предлагаме Европа да стане првиот континент на електирчен погон во светот“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Комисијата вели дека удвојувањето на уделот на електричната енергија во вкупната потрошувачка би ја намалило сметката за увоз на фосилни горива во ЕУ за 260 милијарди евра годишно до 2040 година.
Комисијата истакнува дека возењето електрично возило на батерии може да заштеди до 78% во споредба со еквивалентен автомобил на фосилни горива. Преминувањето од гасни котли на топлински пумпи би ги намалило просечните трошоци за греење на домаќинствата во ЕУ за до 60%.
Акцискиот план има за цел да го намали ценовниот јаз помеѓу електричната енергија и енергијата од фосилни горива и да го поттикне прифаќањето на почисти технологии базирани на електрична енергија, како што се топлински пумпи, електрични возила и батерии. Ценовниот јаз помеѓу електричната енергија и гасот често го обесхрабрува преминувањето кон почисти опции, вклучувајќи топлински пумпи, електрични возила и електрични индустриски процеси.
Извршната потпретседателка Тереза Рибера објави дека Комисијата ќе предложи постепено укинување на субвенциите за фосилни горива, кои моментално чинат 100 милијарди евра.
„Убедени сме дека ова е патот напред“, рече таа.