Глобалното истражување на УНДП, спроведено во 95 држави, открива дека изборот на политики во многу земји во развој е исклучително ограничен и го проширува јазот помеѓу реалните можности и напредокот на Целите за одржлив развој, но од друга страна идентификува и иновативни стратегии за поттикнување на развојот.
Њујорк/Скопје, 19 септември 2023 година – Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) објави глобално истражување кое детектира дека добросостојбата на луѓето и на планетата премногу често зависи од рамнотежата на фискалните и финансиските ограничувања. Станува збор за Анализата на Целите за одржлив развој, реализирана во соработка со 95 земји во развој, вклучително и Северна Македонија, која содржи посебни извештаи за секоја од овие држави. Во неа се потенцира дека стандарните практики за развој на овие држави, заради комплексните фискални и финансиски ограничувања, резултираат со јаглерод интензивни и неинклузивни исходи.
Во делот за Северна Македонија се посочува дека сите чинители треба да посветат поголемо внимание и да вложат повеќе ресурси во човечкиот капитал, создавањето пристојни работни места, поттикнување на научните истражувања, како и да се работи на одговорно ползување на природните ресурси и поттикнување одржлива економија.
„На самитот на ОН за одржлив развој, УНДП повикува на меѓународна акција за остварување еколошки одржлив и инклузивен економски раст. Неопходно е преуредување на меѓународната финансиска архитектура и на домашните политики кои ќе им овозможат на земјите подобро да ги усогласат своите фискални и финансиски ресурси кон Целите на одржлив развој“, истакна Ахим Штајнер, Администратор на Програмата за развој на Обединетите Нации.
Новите проекции покажуваат дека во последните три години, 72 од 95 држави ги зголемиле јаглеродните емисии, а кај 38 од нив тоа зголемување е дури за 10 проценти. Истовремено, само една од пет земји, го намалила нивото на сиромаштија од 2019 година, додека таа останала на исто ниво или се зголемила во 72 од 95 земји.
Директорката за интеграција на Целите за одржливиот развој во УНДП, Лорел Патерсон вели: „Анализата открива дека националните приоритети на владите како работните места, инфраструкурата, градовите и институциите може да доведат до поширока усогласеност на социјалниот, еколошкиот и економскиот напредок. Но, за да го направат тоа, овие приоритети мора да бидат поврзани со комбинирање на Целите за одржлив развој.“
SDG Insights e уникатно и сеопфатно истражување, кое користи вештачка интелегенција за анализа на големите бази податоци, како дел од консултативната методологија, која може да им помогне на земјите и креаторите на политиките да ги промовираат нивните агенди за развој на поиновативен и поефиктивен начин. Делот од извештајот кој се однесува на Северна Македонија е достапен на следниот линк: https://sdgpush-insights.undp.org/reports/mkd