Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто денеска соопшти дека ќе се кандидира на претседателските избори следната година со надеж дека ќе го наследи Саули Нинисто, кој се повлекува по два последователни мандати.
Тоа ќе биде трет обид на членот на Зелената партија да стане шеф на државата на Финска, откако се кандидираше за функцијата во 2012 и 2018 година.
– Неодамна, многу Финци од различни средини ме контактираа и ме повикаа да се кандидирам на претседателските избори во јануари следната година, рече Хависто на прес-конференција, додавајќи дека во трката ќе влезе како независен кандидат.
Анкета објавена на 22 мај во финскиот дневен весник Helsingin Sanomat покажува дека 36% од Финците се за Хависто да стане претседател, што го прави фаворит со тесно водство пред гувернерот на финската централна банка Оли Рен (со 31%) и многу пред директорката на Финскиот институт за меѓународни односи Мика Алтола (24%).
Хависто се очекува да се повлече од функцијата министер за надворешни работи подоцна овој месец, откако владата на левиот центар, чиј член е, загуби на парламентарните избори во април.
Првиот круг од претседателските избори во Финска е закажан за 28 јануари. Доколку ниту еден од кандидатите не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, на 11 февруари ќе се одржи втор круг, во кој ќе се соочат двајцата водечки кандидати.