Финците утре избираат претседател, главна тема се тензиите со Русија

Финците-утре-избираат-претседател-главна-тема-се-тензиите-со-Русија.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Финците утре избираат нов претседател, чија улога во водењето на надворешната политика стана поважна поради зголемените тензии со соседна Русија предизвикани од војната во Украина.

Геополитичките промени во Европа ќе му зададат најголема главоболка на новиот претседател, кој е и врховен командант на финските вооружени сили.

Двајца политичари водат вкупно девет кандидати, поранешниот конзервативен премиер Александар Стуб и поранешниот министер за надворешни работи Пека Хаависто од Партијата на зелените, кој е независен кандидат. Анкетите покажуваат дека тие најверојатно ќе одат на вториот круг на 11 февруари.

„Следниот претседател на Републиката пред се ќе биде претседател на Западот, претседател на членка на НАТО, а еден од нашите најважни односи е нашето партнерство со Соединетите Држави“, изјави неодамна Стуб во телевизиско интервју.

Односите меѓу Москва и Хелсинки се влошија откако руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ја натера Финска да се откаже од својата долгогодишна воена неутралност и да се приклучи на НАТО во април 2023 година. Русија, со која Финска дели 1.340 километри граница, брзо предупреди дека ќе одговори со „контрамерки“.

Неколку месеци подоцна, во август 2023 година, Финска забележа зголемен прилив на безвизни мигранти на својата источна граница.

Хелсинки смета дека ова е хибриден напад на Москва за дестабилизација на земјата. Финска ја затвори својата источна граница во ноември.

Актуелниот претседател Саули Ниинисто се гордееше со неговата блиска врска со рускиот претседател Владимир Путин пред да стане еден од неговите најжестоки критичари.

Сите претседателски кандидати се залагаат за независност на Финска и за нејзината нова улога како членка на НАТО, рече Хана Вас, заменик-декан на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Хелсинки.

„Сите тие имаат силна идеја која ја нагласува самодоволноста, во смисла дека во иднина Финска треба самостојно да се грижи за сопствената одбрана и исто така активно да придонесува во градењето на заедничката европска одбрана и нордиска соработка“, изјави Вас за Франс прес.

Туомас Форсберг, професор по надворешна политика на Универзитетот во Тампере, рече дека сите кандидати имаат слични ставови во надворешната политика. „Ќе биде повеќе за изборот на личност врз основа на неговиот кредибилитет и доверливост и како тој е перципиран како лидер во надворешната политика и одредени вредности и што таа личност претставува“, рече тој.

Истражувањето на јавното мислење, чии резултати во понеделникот ги објави дневниот весник „Хелсингин саномат“, покажа дека Стуб е во водство со 22 отсто поддршка од гласачите, а Хаависто е на второ место со 20 отсто.

„И двајцата имаат долгогодишно искуство во внатрешната и надворешната политика, што се чини дека гласачите најмногу ги ценат“, рече Вас. „Тие се познати политичари долго време, неколку генерации“, вели тој.

Иако делат слични политички ставови, Хаависто и Стуб имаат различно потекло, рече Форсберг.

Нивното потекло и вредности се сосема различни бидејќи Алекс е повеќе претставник на десницата, а Хаависто на левицата, дури и ако Хаависто се обидува да нагласи дека нема ништо „црвено“ во него, дека тој го претставува средниот пат како зелена“, тврди Форсберг.

„Дебатите би можеле да одлучат за вториот круг од изборите“, рече Форсберг.

Веднаш зад двајцата е кандидатот на крајнодесничарската Партија на Финците, Јуси Хала-ахо, кој е поддржан од 18 отсто од гласачите, а зад него е поранешниот еврокомесар Оли Рен, кој е поддржан од Партијата на Центарот, со поддршка од 12 проценти. И Хала-ахо и Рен би можеле да влезат во вториот круг, рече Форсберг.

Во атмосфера обележана со општ скептицизам за тоа што може да се постигне преку парламентарната политика, Финците претпочитаат да имаат поголема верба во институцијата претседател, рече Вас.

„Претседателот се смета за силен актер на кој луѓето му веруваат“, вели тој.

Одѕивот на гласачите на претседателските избори во Финска е вообичаено околу 70 отсто.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK