Европскиот суд на правдата денеска пресуди дека смената од функцијата на полскиот судија кој ја критикуваше Владата противречи на законите на Европската унија и тој треба да биде вратен на работа.
Пресудата беше последна во серијата одлуки на ЕУ со кои и се наложува на десничарската полска Влада да ги укине промените во судскиот систем за кои унијата вели дека се во спротивност со законот.
Судијата Игор Тулеја беше сменет од функцијата во 2020 година, а неговата плата беше намалена од страна на дисциплинскиот совет на Врховниот суд, институција создадена и контролирана од Владата.
Тулеја ги критикуваше постапките на Владата и поднесе жалба до Судот на правдата на ЕУ поради дисциплинските мерки преземени против него. Дисциплинската комора на Полска беше распуштена бидејќи ЕУ рече дека ги прекршила демократските правила.
Правната битка е дел од поширокиот спор за владеењето на правото, кој веќе скапо ја чинеше Полска бидејќи ги прекршува одлуките на ЕУ за независноста на судството. Минатиот месец Судот на правдата на ЕУ блокираше фондови за Полска вредни милиони евра, покрај претходните казни во вредност од околу половина милијарда евра.
Минатата недела, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Полска не постапувала со Тулеја во согласност со законот и и наложи на Владата да му плати отштета од 36.000 евра.