Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека е многу добро што 14 месеци од почетокот на војната во Украина, кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговараше со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Според неа, Кина несомнено има влијание врз рускиот претседател Владимир Путин.
– Како дел од Советот за безбедност на ОН, Кина има одговорност да ја натера Русија да стави крај на војната. Мора да работиме врз основа на мировниот предлог на претседателот Зеленски. Ќе продолжиме да го повикуваме Пекинг да се воздржи од поддршка на војната, истакна Лајен.
Таа посочи дека е неопходно ЕУ да ја ограничи својата економска зависност од Кина, на пример во увозот на суровини. Според неа, ЕУ планира да воведе мониторинг на европските инвестиции во азиската земја, како и да го заштити извозот на технологии кои подоцна може да се покажат како одлучувачки за постигнување или одржување воена супериорност.
– Секој мировен план за Украина мора да се заснова на Повелбата на ОН, само Украина може да процени кога се можни преговори, посочи Шарл Мишел на заедничката прес-конференција со Лајен.
Според него, откако ЕК ќе даде оценка за подготвеноста на Киев да ги започне преговорите за влез во ЕУ во октомври, тој ќе го стави прашањето пред Европскиот совет.