Европскиот парламент на своето пленарно заседание во Стразбур усвои Резолуција со која се бара од земјите членки на ЕУ да обезбедат доволно бродови, опрема и персонал за спроведување поактивни и координирани операции за потрага и спасување во морските води, при што клучна улога би имала Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита (Фронтекс),
Во документот, како што јави специјалниот изветувач на МИА од Брисел, се повикуваат земјите членки при тие операции да ги користат и бродовите на невладините организации, како и да воспостават сеопфатна мисија на ЕУ за потрага и спасување под водство на Фронтекс.
– Парламентот жестотко ги осудува криминалниот шверц и трговијата со луѓе, истовремено повторувајќи дека безбедните и легални патишта се најдобриот начин да се избегнат жртви на море, се наведува во Резолуцијата, во која се предлага до луѓето во трети земји да се дистрибуираат повеќе информации за опасностите на морските рути.
Европратениците ја повикуваат Европската комисија да обезбеди сеопфатни информации за сите видови поддршка што ЕУ и нејзините земји членки им ја даваат на граничните и крајбрежните служби на трети земји, пред се на Либија, Турција, Египет, Тунис и Мароко.
Со документот се бара од Еврокомисијата и националните власти да ги проверат наводите за „сериозни прекршувања“ на основните човекови права од страна на либиската крајбрежна служба и доколу тие се докажат да ја прекинат соработка со неа.
Европратениците, исто така, бараат финансирањето на трети земји да биде условено со нивна соработка во менаџирање на миграциските текови и во борбата против трговијата со луѓе и шверцерите на мигранти.
Во рамките на ЕУ не постои правна регулатива за изведување на операции за потрага и спасување, освен за активностите што ги спроведува Фронтекс во заедничките поморски акции.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), од 2014 година како исчезнати во водите на Средоземното Море се евидентирани 27.633 лица, за кои во најголемиот дел се претпоставува дека се удавени.