Европската комисија даде зелено светло за најновата верзија на вакцината Pfizer/BioNTech против Ковид-19.
Извршното тело на Европската унија (ЕУ) објави дека е одобрена „Comirnaty XBB.1.5 адаптираната вакцина против Ковид-19, развиена од BioNTech-Pfizer“ за да им овозможи на земјите-членки на ЕУ навреме да се подготват за вакцинациите за нивните кампањи есен-зима.
„Ковид-19 ќе циркулира паралелно со сезонскиот грип во текот на претстојната есенска и зимска сезона“, предупреди еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.
Таа нагласи дека најновата верзија на вакцината е насочена кон новите варијанти на вирусот, апелирајќи до сите граѓани на ЕУ да се вакцинираат.
Тоа е трета адаптација на вакцината против коронавирус на Pfizer која реагира на најновите варијанти на болеста.
Според препораката на Европската агенција за лекови, возрасните и децата на возраст над пет години треба да примаат доза без оглед на историјата на вакцинација.