Двајца високи израелски команданти и уште седум други војници беа убиени од Хамас во заседа на периферијата на градот Газа, каде што во последните денови имаше интензивни борби во урбаната област. Инцидентот се случи во време кога се стравува од натамошна ескалација на хуманитарната криза во Газа поради обилните дождови во регионот.
Потполковник Томер Гринберг, командант во бригадата Голани, која се бореше против Хамас за време на нападот врз пограничните заедници во јужен Израел на 7 октомври, беше убиен за време на неуспешниот обид да се спасат четворица повредени војници, пишува Гардијан.
Во еден од најсмртоносните инциденти досега за израелските војници во двомесечната војна во Газа, загинаа Гринберг и неколку негови високи офицери. Меѓу загинатите, објавени од израелските одбранбени сили (ИДФ) во средата, има уште еден полковник, тројца мајори и неколку членови на борбените спасувачки сили.
Известување издадено од бригадата Голани, ја опишува заседата што се случила во близина на пазарот Шеџаија.
„Додека вршеа претрес за расчистување на згради во срцето на стариот дел на градот, кој се смета за пренатрупана област преплавена со терористички цели, во една од зградите се случи голема експлозија, а неколку војници од 13-тиот баталјон беа ранети“, се вели.
Според извештаите, војниците се приближувале до зградата кога првпат биле под оган од горниот кат. Следеше експлозија, при што беа тешко ранети четворица војници кои беа отсечени од останатите нивни соборци. Останатите војници се собраа и отидоа да и помогнат на првата група од страв да не бидат одвлечени во тунелот, но се случи уште една експлозија.
Потоа трета група израелски војници се обиделе да се приближат за да ги евакуираат ранетите, но експлозијата повторно одекнала. Заседата дојде и покрај секојдневните тврдења на ИДФ дека е блиску до оперативна контрола на клучните упоришта на Хамас во северниот дел на Газа.
Потполковник Гринберг стана познат по нападот на 7 октомври, опишувајќи во интервју како спасил две близнаци чии родители биле убиени од Хамас во Кфар Аз. Зборувајќи за војниците кои беа убиени во вторникот, израелскиот министер Бени Ганц рече дека Израел плаќа „болна и тешка цена“.
Заседата дојде во време на непотврдени медиумски извештаи дека Израел почнал да пумпа морска вода во некои од тунелите на Хамас. Запрашан за тврдењата изнесени во Волстрит Журнал, американскиот претседател Џо Бајден одби директно да одговори.