Републиканката Викторија Спартц, првата и единствена членка на американскиот Конгрес со украинско потекло, се огласи откако британски Телеграф објави интервју со неа.
Според она што го објави Телеграф, Спартц ги повикала Украинците да ѝ отстапат територија на Русија и да го сменат претседателот Володимир Зеленски доколку не сакаат да ја изгубат целата земја. Сепак, Спартц набрзо го обвини Телеграф за „намерно лажно претставување“.
„Потрошив огромна количина на енергија обидувајќи се да и помогнам на украинската армија да победи во бруталната борба против Русија. За жал, ако имате кретени и измамници како Зеленски и неговиот марионетски парламент кои управуваат со вашата земја, тоа е изгубена кауза. Путин можеби е злобен, но не е кретен“, рече таа.
Спарц го повтори тврдењето дека Украина нема да може да ги врати териториите кои се под руска окупација. „Сегашната реалност на теренот е дека Украина не е во позиција да ги врати своите територии“, нагласи таа.
„Затоа, може да се постигне само привремено решение со помош на САД, што на секоја страна ќе и даде одредено време да се регрупира. Конечниот исход од таа војна ќе треба да се реши подоцна, а не само на бојното поле“, додаде таа.