Кина сака да работи со арапските земји за да ги реши проблемите на светските жаришта на начин што води кон одржување на правичност, правда и постигнување долгорочен мир и стабилност, рече претседателот Шји Џјинпинг во говорот на Кинеско-арапскиот форум за соработка во Пекинг.
Кина, рече Шји, а објавија и државните медиуми, се обидува да ги зајакне своите односи со арапските држави како модел за одржување на мирот и стабилноста во светот.
Зборувајќи за војната во Газа, кинескиот лидер рече дека војната не може да продолжи бесконечно, дека правдата не може трајно да отсуствува и дека треба цврсто да се поддржи „решението со две држави“.
„Се соочуваме со турбулентен свет, меѓусебното почитување е начин да се живее во хармонија, а правичноста и правдата се основата на трајната безбедност“, рече тој, цитиран од „Ксинхуа“.
Им се обрати на шефовите на државите на Бахреин, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Тунис, како и на министрите за надворешни работи на другите земји од Арапската лига.
Пекинг постојано повикува на решение со две држави за палестинско-израелската криза, како и итен прекин на огнот и членство на Палестинците во Обединетите нации, што се позиции кои се тесно поврзани со оние на арапските нации.
Кинескиот претседател посочи дека е неопходно да се избегне прелевање на конфликтот во регионот на Блискиот Исток и да се спречи уште покатастрофална хуманитарна криза во Појасот Газа, пренесе „Ксинхуа“. Тој истакна дека Кина е длабоко тажна поради големиот број невини цивили убиени во Газа и повика на меѓународна мировна конференција.
„Од октомври минатата година, палестинско-израелскиот конфликт драстично ескалира, фрлајќи го народот во огромно страдање. Војната не треба да трае бесконечно. Правдата не треба да биде недостапна засекогаш“, рече Џјинпинг.
Тој најави дека Кина ќе продолжи да го поддржува олеснувањето на хуманитарната криза и повоената обнова на Газа, ветувајќи дека ќе обезбеди уште 500 милиони јуани (69 милиони долари) во итна хуманитарна помош. Кина ќе донира три милиони долари на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот исток за поддршка на нејзината итна помош за регионот Газа, рече тој.
„Кина ја цени важната улога на Египет во смирувањето на ситуацијата и обезбедувањето хуманитарна помош и е подготвена да работи со Египет за да продолжи да дава помош за луѓето во Газа и да промовира целосно, праведно и трајно решение за палестинското прашање“, изјави египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.
Тој ја повика меѓународната заедница да се погрижи Палестинците да не бидат насилно раселени од завојуваниот Појас Газа, пренесува „Ал Џезира“.
Во своето обраќање, Шји ја поздрави „заедничката желба за нова ера на кинеско-арапските односи“. Пекинг сè повеќе го зајакнува своето дипломатско влијание во регионот, јавува Си-Ен-Ен, потсетувајќи дека во април Кина беше домаќин на првите преговори на кинеска територија меѓу палестинските фракции Хамас и Фатах, кои се во конфликт долго време. Минатата година, Кина посредуваше во значаен договор за помирување меѓу Иран и Саудиска Арабија по долгогодишно непријателство меѓу двата големи ривали.