Илјадници посетители му оддаваат почит на папата Франциск уште од раните утрински часови на неговиот гроб во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим.
Пред влезот во базиликата може да се видат долги редици, а голем број верници, вклучувајќи цели семејства, трпеливо чекаат ред да го посетат гробот и да му оддадат почит на починатиот поглавар на Католичката црква.
Папата Франциск, кој почина на 21 април на 89-годишна возраст, беше погребан во Рим во саботата. Тој беше погребан според неговите желби во базиликата од петтиот век, која се наоѓа во центарот на Рим.
Иако е вообичаено папата да биде погребан во Ватикан, папата Франциск е првиот папа од 1903 година кој е погребан надвор од Ватикан.
Папата Франциск ја посети црквата Санта Марија Маџоре повеќе од 100 пати за време на неговиот понтификат.
Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Берголјо на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, беше син на италијански имигранти. Студирал во Аргентина и Германија.
Тој дојде на чело на Католичката црква во 2013 година, станувајќи првиот папа од Латинска Америка. За време на неговиот повеќе од десетгодишен понтификат, тој остана фигура на восхит и на предизвик – се залагаше за реформа на ватиканската бирократија, борба против корупцијата и социјална правда, но во исто време наиде на отпор од конзервативните кругови во Црквата, анализираат медиумите.
Последните месеци од неговиот живот беа обележани со борба со бронхитис и билатерална пневмонија.