Најмалку 300 училишта низ Италија денеска беа евакуирани откако добиле идентична заканувачка порака за поставена бомба, соопшти италијанскиот министер за образование, пренесува „Ројтерс“.
Оваа безбедносна тревога доаѓа во време на растечка загриженост во Европа поради заканите од таканаречената „хибридна војна“ – феномен кој неодамна беше насочен кон супермаркети, банки за крв, авионски сообраќај и телевизиски куќи.
Министерот за образование Џузепе Валдитара изјави за телевизискиот канал „Ла7“ (La7) дека се верува оти заканите се лажни, додавајќи дека се очекува бројот на погодените училишта дополнително да се зголеми.
„Поради тревога за бомби низ целата земја, сакаме да ве информираме дека сите ученици се преместени на безбедна локација и се под надзор на наставниот кадар“, соопшти едно училиште во Рим до родителите преку апликација за пораки.
Фактот што толку голем број училишта биле цел „покажува колку всушност е неверодостојна оваа закана“, нагласи министерот Валдитара.
Заканувачката е-порака била потпишана со името „Михаил Андропов, лидер на Вилаетот Мизогинистан“.
Истиот наводен автор ја презеде одговорноста и за заканувачките е-пораки за бомби, испратени во петокот до редакции во Ирска и Бугарија. Италијанската полиција го истражува целиот случај, потврди портпарол на полицијата во Рим.