Единаесетгодишно девојче почина во болница откако косата ѝ се заглави во одводот на базенот во Сестри Леванте. Девојчето, идентификувано како Алис, починало синоќа на интензивната нега во педијатриската болница Гаслини во Џенова, два дена по несреќата. Обвинителството отвори истрага за убиство од небрежност, објавија италијанските медиуми.
Несреќата се случила во вторникот попладне на плажата Сегеста на шеталиштето Дескалцо. Девојчето, од областа Бергамо, кое со години одмарало таму со своето семејство, влегло во мал базен со хидромасажа. Во еден момент, системот за вшмукување ѝ ја извлекол косата. Девојчето било забележано под површината од друго дете, кое прво помислило дека нурка, а потоа ги известило возрасните.
Сопственикот на плажата се обидел да го ослободи девојчето и со нож да ја исече косата заглавена во одводот. Повикана е брза помош, а по пристигнувањето, персоналот започнал со реанимација, но девојчето не покажувало знаци на живот. Точното време што го поминало под вода сè уште не е утврдено.
Поради нејзината сериозна состојба, девојчето со хеликоптер на Црвениот крст, а потоа и со противпожарен хеликоптер, итно е префрлено во болницата Гаслини во Џенова, каде што е сместено на интензивна нега и починало во четвртокот навечер, пренесуваат медиумите во регионот.
Државниот обвинител Фабрицио Гиври наредил обдукција, а семејството дало согласност за донација на органи по постапката. Истрагата за убиство од небрежност е во тек и иако засега нема официјални осомничени, се очекува да бидат поднесени обвиненија против неколку лица.
Истрагата е фокусирана на можно кршење на регионален закон кој им забранува на деца под 12 години да користат базени без надзор. Според првичните информации, такво предупредување не е поставено на просторот за пливање. Базенот, длабок еден метар, моментално е затворен за истрага.
Министерот за цивилна заштита Нело Мусумечи најави донесување на нов закон.
„Пет малолетници починаа во базени во последните три месеци. Потребни се построги правила, но и поголема претпазливост за децата никогаш да не бидат оставени сами во водата. Нацрт-законот на владата ќе биде готов до крајот на месецот и ние ќе направиме сè за итно да го вклучиме во постапката“, рече Мусумечи.