Германскиот Завод за статистика (Дестатис) денеска објави дека индустриско производство во март бележи остар пад, пред сè во автомобилскиот и градежниот сектор.
Во март производството е намалено за 3,4 отсто во споредба со февруари, кога според ревидираните податоци е зголемено за 2,1 проценти.
Според „Дестатис“, производството на моторни возила и автоделови е намалено за 6,5 отсто, а производството на машини и опрема за 3,4 проценти.
Додека во градежништвото е забележан пад од 4,6 отсто.
Во првите три месеци од оваа година производството било за 2,5 отсто поголемо во споредба со последниот квартал од 2022 година, наведува германскиот Заводот за статистика.
Податоците за новите нарачки во март сигнализираат дека индустријата се соочува со тежок период, судејќи според падот на побарувачката од 10,7 проценти во март во споредба со претходниот месец, најголем од пандемијата во 2020 година.
Во автомобилскиот сектор новите нарачки се намалени во март за 12,2 отсто во однос на февруари, а во секторот за производство на машини за 5,9 проценти.
– Германското производство сè повеќе ги чувствува последиците од растот на каматните стапки во светот, кои сè повеќе ја забавуваат економијата, изјави економистот во „Комерцбанк“ (Commerzbank), Ралф Солвен.