Данска денес го ратификува договорот со Трамп за Гренланд


Grenland-Depositphotos_95515150_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Данскиот парламент денеска треба да го ратификува безбедносниот договор со Соединетите Држави што се однесува на Гренланд. Се очекува овој потег да стави крај на тензиите околу иднината на овој арктички остров – тензии кои ги оптоварија трансатлантските односи, пренесува Ројтерс.


Договорот беше потпишан во септември од страна на Соединетите Држави, Данска и Гренланд. Тој ги решава несогласувањата што настанаа откако американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати ја спомена можноста за преземање контрола врз островот, кој е богат со минерални суровини. Гренланд е данска територија со самоуправа и население од 57.000 жители.

Што опфаќа договорот
Договорот ја проширува улогата на американската војска на Гренланд и овозможува распоредување на ракетниот одбранбен систем „Златна купола“ (Golden Dome). Истовремено, документот го потврдува данскиот суверенитет, како и правото на жителите на Гренланд на самоопределување.

Во јануари изби дипломатска криза во рамките на НАТО, откако Трамп не ја исклучи можноста за употреба на воена или економска сила за стекнување контрола врз островот. Ова доведе до повеќемесечни интензивни преговори во кои учествуваа Данска и Гренланд.

Договорот е пред конечна ратификација
Парламентот на Гренланд го ратификуваше договорот на почетокот на ноември. Минатата недела, предлогот помина во прво читање во данскиот парламент со поддршка од сите политички партии. Пратениците изразија олеснување и надеж дека договорот ќе ја нормализира состојбата на островот. „Сепак, постојат многу индикации дека ова не е крајот, туку почетокот“, изјави Микел Ведби Расмусен, професор по политички науки на Универзитетот во Копенхаген.

„Врз основа на овој договор, САД ќе можат да имаат поголемо влијание врз одлуките што имаат безбедносни импликации, како и врз дел од експлоатацијата на стратешките ресурси“, додаде Расмусен. Од друга страна, некои експерти сметаат дека новиот договор не ѝ дава на американската војска значително поголем пристап до Гренланд.

Најкратката рута од Европа до Северна Америка води преку стратешки важниот Гренланд, каде што веќе се наоѓа најсеверната американска воена база. За договорот не е потребна потврда од американскиот Сенат. Се очекува данскиот парламент да го одобри на гласање околу 10 часот наутро. Потоа, како извршен договор, тој ќе стапи на сила штом Министерството за надворешни работи на Данска, преку дипломатска нота, ќе ги извести САД за завршувањето на постапката.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK