Бунтот на Пригожин го отвори прашањето дали Путин може да ја загуби власта

bunt-prigozin
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дали е поткопан авторитетот на рускиот претседател Владимир Путин и дали револтот во режија на платеничката војска на „Вагнер“ од минатиот викенд го покрена прашањето дали тој може да ја загуби власта?

Ова е прашањето што Антон Тројановски го постави во текстот во „Њујорк тајмс“, анализирајќи ги неодамнешните настани во Русија кои за малку ќе доведоа до влез на членови на „Вагнер“ во Москва и вооружени судири во руската престолнина.


Тројановски пишува дека Путин одамна се претставувал како гарант на стабилноста на Русија и бескомпромисен заштитник на нејзината државност, но дека минатиот викенд никаде ја немало руската стабилност, а не бил ниту Путин, кој по кратката изјава во саботата наутро исчезна од видикот за време на најдраматичниот предизвик за неговиот авторитет во 23-годишното владеење.

Путин излезе слаб

Во негово отсуство, тој ги остави запрепастените Руси да се прашуваат како паравоениот лидер Евгениј Пригожин во саботата можел да почне вооружен бунт што се закануваше да стигне до Москва. И се покренаа непријатни прашања за иднината на рускиот претседател – што значеше неговиот неуспех да го спречи бунтот за нивната безбедност – и неговото останување на власт?

Тој е на ставот дека Русите со врски со Кремљ во неделата изразија олеснување што бунтот на Пригожин не предизвика граѓанска војна. Но, во исто време, тие се согласија дека Путин изгледа слаб на начин кој може да биде постојан.

Константин Ремчуков, уредник на московски весник со тесни врски со Кремљ, во телефонско интервју кажа дека тоа што некогаш изгледало незамисливо сега е можно – дека луѓето блиски до Путин можат да се обидат да го убедат да не се кандидира на следните претседателски избори во Русија.

Со настаните во саботата, рече тој, Путин конечно го загуби статусот на гарант на богатството и безбедноста на елитата.

Идејата дека „Путин е на власт и обезбедува стабилност и гарантира безбедност – претрпе фијаско“, рече Ремчуков.

„Ако пред еден месец бев сигурен дека Путин безусловно ќе се кандидира за функцијата бидејќи тоа е негово право, сега гледам дека елитите веќе не можат да се чувствуваат безусловно безбедно.

Дури и во средината на 16-месечната војна во Украина, објави „Њујорк тајмс“, Кремљ е фокусиран на нормалноста дома. Путин се спротивстави на острите повици за прогласување вонредна состојба или затворање на границите на земјата.

За елитата, убодот од западните санкции беше неутрализиран со новите деловни можности на руската воена економија и домашниот пазар, одеднаш ослободен од конкуренцијата на многу западни компании.

Производ на нефункционален систем

Но, предизвикот на Пригожин кон авторитетот на Кремљ овој викенд ја поништи таа пресметка. Водачот на паравоената група со своите сили ја зазеде руската Јужна воена команда, а потоа испрати колона војници на север кон Москва, ветувајќи дека ќе влезе во главниот град.

Кризата беше смирена доцна вечерта во саботата, кога Пригожин се согласи да ги повлече своите сили со договор што му овозможи на него и на неговите војници да избегнат кривичен прогон.

Непосредната закана беше избегната, вели авторот, но во тој процес Путин изгуби повеќе од својата репутација како гарант на стабилноста. Фактот што Пригожин и неговите сили не беа казнети му наштети на угледот на Путин како одлучувачки лидер кој нема да толерира нелојалност.

Експертите велат дека се чини дека Путин ја контролира руската држава помалку отколку што беше познато.

Еден од најзбунувачките аспекти на кризата беше зошто Путин дозволи јавниот конфликт на Пригожин со руското Министерство за одбрана да ескалира со месеци без да го реши.

Две лица блиски до Кремљ, кои зборуваа под услов да останат анонимни за да разговараат за чувствителни политички теми, ја опишаа кризата првенствено како производ на нефункционален систем на управување кој е на работ на хаос.

Одлуките за тоа како да се справи со бунтот на Пригожин биле донесени во саботата, велат тие, по неколку месеци во кои претседателот и неговиот внатрешен круг се мачеле да најдат начин да се справат со водачот на платениците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK