Британското минатомесечно тестирање на нуклеарниот ракетен систем „Тридент“ пропадна затоа што проектилот паднал во морето во близина на подморницата што ја испукала, објавија денеска британските медиуми. Британското Министерство не објави ништо за неуспешниот тест, се додека информацијата не беше откриена од медиумите.
Како што пренесува „Сан“, потиснувачите на проектилот, опремени со лажни боеви глави, не успеале да се запалат за време на тестот на 30 јануари кај брегот на Флорида и проектилот паднал во морето. Министерството за одбрана кусо соопшти дека настанала аномалија при тестирањето и дека поради проблеми со националната безбедност не може да соопшти повеќе детали.
„Поради прашања за националната безбедност, не можеме да дадеме дополнителни информации за ова. Сепак, уверени сме дека аномалијата е специфичен настан и затоа нема никакви импликации за доверливоста на пошироките ракетни системи и залихи „Тридент“, се вели во соопштението.
Министерството, исто така, додава дека нуклеарното одвраќање на Британија останува „безбедно, доверливо и ефективно“. Британските власти соопштија дека ракетниот систем „Тридент“ е „еден од најсигурните вооружени системи во светот“ и дека 190 тестови биле успешно извршени.
Последното успешно британско лансирање на ракетата „Тридент“ се случи во 2012 година. Последното тестирање на системот „Тридент“ пред годинешното тестирање во јануари беше извршено во 2016 година и исто така беше неуспешно кога проектилот отстапи од предвидената траекторија.