Во трагичен инцидент претходно оваа недела, во Универзитетската болница Буловка во Прага 8, дошло до забуна кај лекарите околу две жени кои не биле од Прага, а тоа пак резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка и направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на министерството Онџеј Јакоб во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше непростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Novinki.cz“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми и двете пациентки биле странски државјани кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.