Босна и Херцеговина не ја сака Унгарија на чело на ЕУФОР, ја повикува Австрија да остане

Босна-и-Херцеговина-не-ја-сака-Унгарија-на-чело-на.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Властите во БиХ се обидуваат да спречат донесување одлука со која Унгарија би ја презела командата со мисијата ЕУФОР, а причина за ова противење се блиските врски што унгарскиот премиер Виктор Орбан ги воспостави со лидерот на босанските Срби Милорад Додик, потврди Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез. Тој ова го изјави во пресрет на неговото патување во Виена и средбата со Клаудија Танер, министерка за одбрана на Австрија, која моментално има свој генерал на чело на ЕУФОР.


Воената операција на Европската унија во БиХ наречена Алтеа беше воспоставена во 2002 година кога заврши мисијата на СФОР предводена од НАТО, а задачата на многу помал контингент војници од државите на Унијата и придружните земји остана да го следи почитувањето на Дејтонскиот договор и безбедносната состојба.

Прв командант на ЕУФОР беше британскиот генерал Дејвид Лики, но како што постепено се намалуваше бројот на војниците, така се намалуваа и командантите, а во изминатите години по правило на таа позиција беа австриски офицери, па од јануари оваа година е генерал Хелмут Хабермаер, кој има мандат од една година.

Австриската влада претходно најави дека има намера да се откаже од номинацијата на своите генерали за команданти на ЕУФОР бидејќи и се потребни сите воени ресурси во земјата за да ја контролира мигрантската криза. Веднаш потоа Унгарија изрази подготвеност да ја преземе командата на ЕУФОР, а се шпекулира дека Будимпешта веќе утврдила дека нов командант ќе биде нивниот генерал Ласло Штиц.

Конечната одлука за ова треба да ја донесе Политичко-безбедносниот комитет на ЕУ, а во некои политички кругови во БиХ преовладува мислењето дека Унгарија не е добар избор.

„Одам во Австрија поради продолжување на мандатот на мисијата Алтеа. Проблематично е кој ќе биде командант“, изјави Хелез. Тој потврди дека целта е да се обидат Австријците да продолжат да го водат ЕУФОР, односно да ги блокираат плановите на Унгарија.

„Немаме ништо против Унгарија, но имајќи ги предвид ставовите на Орбан кон БиХ, мораме да реагираме за да се обидеме да го спречиме тоа. Режимот на Орбан е сличен на оној на Додик и Путин“, рече министерот за одбрана на БиХ.

На прашањето дали има нешто против учеството на хрватската армија во мисијата Алтеа, која претходно ја предложи хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Хелез одговори дека дискусијата за тоа е излишна.

„Одамна е дефинирано и не би паднал во тие замки. Тоа е сосема неважно. Имаме членови од толку многу земји, тоа е мултиетнички состав. Важно ни е да имаме мир овде и да го зачуваме стабилност“, заклучи тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK