Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, ја поздрави најавата на некои земји-членки дека конкретно ќе и помогнат на Украина со испорака на противвоздушни системи и артилериска муниција.
„Мило ми е што некои земји-членки изразија подготвеност да придонесат конкретно во однос на противвоздушните системи и да ја поддржат и прошират чешката иницијатива за муниција и германската иницијатива за противвоздушна одбрана“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи и за одбрана во Луксембург.
За тешката ситуација во Украина каде Русија ги интензивира нападите зборуваа шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба и министерот за одбрана Рустем Умеров, кои преку видеоврска им се обратија на министрите на земјите членки на ЕУ.
Министерот Кулеба на насобраните министри им порача дека „сега е време за акција, а не за дискусија“.
На прашањето кога Украина ќе ги добие седумте системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што ги побара претседателот Володимир Зеленски, Борел одговори дека одлуката е на земјите-членки.
Мислам дека сега е зрело времето, се е кажано и има уште многу работи да се направат, изјави Борел.
Министрите за надворешни работи на ЕУ постигнаа политички договор за продолжување на санкциите против Иран по неговиот напад врз Израел.
„Постигнавме политички договор за проширување на постоечкиот режим на санкции против Иран во областа на беспилотни летала и ракети и нивно можно доставување до Русија“, рече Борел.