Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел, по повод 20-годишнината од најголемото проширување на ЕУ, изјави дека работата за повторно обединување на Европа не е завршена и порача дека Западен Балкан има историска можност цврсто да ја врзат својата иднина со Европската унија.
„Западен Балкан, Турција, Украина, Молдавија и Грузија имаат историска можност цврсто да ја врзат својата иднина со ЕУ. Проширувањето на ЕУ е трансформативна политика која ја подобрува безбедноста, правдата и демократијата, истовремено подигнувајќи го животниот стандард на Европејците“, се вели во соопштението на Борел.
Тој додаде дека ЕУ и земјите кандидати соработуваат на полето на безбедноста и одбраната со цел подобро да се соочат со повеќе геополитички предизвици заедно. Борел изјави дека од идните земји-членки се бара да ги зајакнат своите демократски институции и да ги поддржат човековите права и основните слободи, додека ЕУ работи на нејзината реформа и денес се подготвува за „Унијата на утрешниот ден“.
Тој подвлече дека целта не е само за поголема ЕУ, туку и за посилна, „способна да ги зачува и проектира нашите заеднички вредности низ целиот свет“.