„Боинг ја жртвува безбеноста поради профит“ – инженер во компанијата изнесе нови обвинувања, случајот се истражува

boing-787.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Федералните воздухопловни власти ги истражуваат тврдењата на инженерот на Боинг, кој постојано изразуваше загриженост за два модели на авиони, соопштија американските власти во вторникот.


Сем Салипур, инженер на Боинг, тврди дека компанијата направила пропусти за време на производството на 777 и 787 „Dreamliner“ и ризиците можат да станат катастрофални како што стареат авионите. Неговата формална жалба до Федералната управа за воздухопловство (FAA), поднесена во јануари и објавена во вторник, не го спомна конкретно поновиот авион 737 „max“ што FAA двапати го приземји, објави „Си-ен-ен“.

Салипур во вторникот рече дека неговата жалба покренува „два прашања за квалитетот што може драматично да го намалат животниот век на авионот“.

„Ова го правам не затоа што сакам Боинг да пропадне, туку затоа што сакам да се спречат несреќи. Точно е дека „Боинг“ не може да продолжи како досега. Мислам дека треба да ги направи нештата подобри“, им рече тој на новинарите.

Адвокатите на Салипур ја обвинуваат компанијата дека го става профитот пред безбедноста и дека се одмаздува на нивниот клиент кој, откако го покренал прашањето за безбедноста на авионот, бил префрлен „против негова волја“ во програмата за производство на 777. Во рамки на таа програма, Салипур покрена дополнителни прашања на што му се заканувале со отказ, според адвокатите, пренесува „Гласот на Америка“ (ВОА).

Адвокатката Лиза Бенкс рече дека ФАА го интервјуирала Салипур како дел од нејзината истрага, додека ФАА рече дека ги истражува сите поплаки на укажувачите. Според „Гласот на Америка“, ФАА потврди дека истрагата е во тек по наводите изнесени во написот на Њујорк Тајмс во кој Салипур – кој работи за Боинг повеќе од 10 години – изнесе обвинувања против компанијата.

„Наместо да го послуша предупредувањето, приоритет на Боинг беше авионите да се пласираат на пазарот што е можно поскоро, и покрај добро поткрепените прашања што ги покрена Салипур“, рекоа адвокатите Бенкс и Дебра Кац, укажувајќи на критични дефекти во речиси 1.500 авиони на „Боинг“.

„Загриженоста на нашиот клиент за културата во Боинг, каде роковите се поважни од безбедноста, станаа уште попритисни поради неодамнешните инциденти поврзани со проблемите со авионот 737 Макс 9 на Боинг“, велат адвокатите на Салипур во поднесокот.

Боинг, кој е под истрага по недамнешните безбедносни проблеми, рече дека има целосна доверба во Dreamliners и ги отфрли обвинувањата за одмазда против својот вработен.

За проблемите со авионите на „боинг“ ќе се разговара и на сослушувањето пред Истражната комисија на Сенатот на 17 април, како што најави портпаролот на демократскиот сенатор Ричард Блументал.

„Доброволното известување без страв од одмазда е клучна компонента на воздухопловната безбедност“, соопшти FAA.

Во соопштението на „Боинг“ се вели дека покренатите прашања „биле предмет на ригорозна инженерска истрага под надзор на ФАА“ и додава дека „одмаздата е строго забранета“ во компанијата, пренесува Гласот на Америка.

„За леталото во употреба, сеопфатната анализа на Боинг и ФАА утврди дека нема непосредна загриженост за безбедноста на летот. Врз основа на анализите и идните инспекции, 787 ќе ја задржи силата, издржливоста и работниот век“, се вели во соопштението.

Новите обвинувања се изнесени по инцидентот со авионот на компанијата „Аласка ерлајнс“, 737 „макс 9“, кога дел од трупот на авионот падна за време на летот.

По тој инцидент, FAA го запре производството на авионите на Боинг Макс, инсистирајќи компанијата да покаже подобрувања во производството и контролата на квалитетот.

Боинг, исто така, минатиот месец објави дека извршниот директор Дејв Калхун ќе се повлече од функцијата во 2024 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK