Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на ненајавената посета на Киев изјави дека е потребна поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на земјата како резултат на руската офанзива.
„Сега мораме да ги здружиме сите наши сили за да може Украина да преживее и трупите на Путин наскоро да не се најдат на нашите граници“, апелираше Бербок до меѓународните партнерски земји.
Глобалната иницијатива за поголема воздушна одбрана, која таа ја започна заедно со министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), собра речиси 1 милијарда евра за да обезбеди дополнителна поддршка на силите за воздушна одбрана на Украина.
Бербок изјави и дека идното членство на Украина во Европската унија е „неопходна геополитичка последица на нелегалната агресивна војна на Русија, која го прекршува меѓународното право“. Министерката планираше да го посети Харков денеска, но патувањето беше откажано поради безбедносни причини, пишува АП повикувајќи се на агенцијата dpa.