Белорусија ја зајакна заштитата и одбраната на инфраструктурните објекти во близина на украинската граница, а во случај на потенцијални напади од украинска страна, силно ќе одговори, изјави лидерот на земјата, Александар Лукашенко за новинарите во Кремљ.
Лукашенко најави и дека со Путин разговарал за безбедносни прашања кои не ја засегаат само Украина.
Претседателот на Белорусија смета дека НАТО сака да ја вовлече Белорусија во украинскиот конфликт.
Според него, ако Минск сега влезе во војна против Украина, тоа нема да донесе ништо, бидејќи украинската граница е целосно минирана и бетонирана.
Покрај тоа, белорускиот лидер подвлече дека Украина треба да ја разбере неизбежноста од брз и повеќекратен одговор доколку испрати беспилотни летала во Русија.
Тој исто така посочи дека сега е погоден момент Украинците и Западот да седнат на преговарачка маса и да се договорат.
Тој потсети дека во мај завршува мандатот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и може да дојде до ситуација во која Русија нема да има со кого да потпише мировен договор.
Коментирајќи го планираниот мировен форум во Швајцарија за решавање на украинскиот конфликт, белорускиот лидер рече дека мировните преговори во Швајцарија за Украина не се можни без Русија.
Лукашенко, исто така, истакна дека Белорусија многу внимателно следи што се случува во Украина, вклучително и колку брзо паѓа рејтингот на Зеленски меѓу граѓаните.
Лукашенко исто така рече дека ниту тој ниту Путин не сакаат братскиот украински народ да страда.
-Вчера реков дека на Русија сега и е потребна Белорусија која е мирна, тивка, која си ја врши работата. Нема да ви кажам детално што правиме. Но, јас директно велам: ниту јас, ниту Путин – и вчера разговаравме на оваа тема – не сакаме да страда нашиот братски украински народ. Не сакаме! – ја пренесе државната агенција „Белта“ изјавата на Лукашенко.