Белата куќа: САД не ги одобри операциите на израелската армија во болницата „Ал Шифа“

Белата-куќа-САД-не-ги-одобри-операциите-на-израелската-армија.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„САД не ги одобри операциите на израелската армија околу болницата „Ал Шифа“ во Газа, како што не ги одобри и за другите воени одлуки на Израел“, изјави портпаролот на Белата куќа кога израелската армија влезе во комплексот, што беше проследено со бројни реакции, од загриженост до осуда.


„Отсекогаш им бевме многу јасни на нашите израелски партнери за важноста од намалување на цивилните жртви. Исто така, бевме многу јасни со нив за фактот дека треба да бидат особено внимателни кога станува збор за болниците“, додаде Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност.

„Нема да коментираме опширно за тековната израелска воена операција. Како што рековме, не ги одобруваме воздушните напади врз болница и не сакаме пукање во болница, каде меѓу два огна се фатени невини и болни луѓе на кои им е потребна помош. Болниците и пациентите мора да бидат заштитени“, додаде тој.

Операцијата на израелската армија во болницата „Ал Шифа“, за која Израел тврди дека е дом на стратешка база на Хамас, предизвика загриженост и осуда од меѓународната заедница. Израелската војска денеска влезе во „Ал Шифа“, најголемата болница во Газа, и тврди дека војниците пронашле оружје и „терористичка инфраструктура“ во рација на една локација во комплексот.

Воен претставник изјави за новинарите дека нема борби во болничкиот комплекс бидејќи војниците дошле во текот на ноќта и дека немало тензија со медицинскиот персонал или пациентите во друг дел од болницата.

Висок владин претставник на Хамас изјави за АФП дека може да види тенкови и специјални сили во болничкиот комплекс. Израел со години го обвинува Хамас дека ги користи болниците во Газа како бази, дека копа мрежа од тунели под „Ал Шифа“ и дека ги користи болните како „човечки штит“.

Откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври и зеде повеќе од 200 заложници, Израел започна кампања за бомбардирање на Газа, која ја води милитантната група, и започна инвазија на енклавата на крајот од минатиот месец, при што загинаа повеќе од 11.000 луѓе, приближно 40 отсто од нив се деца, според палестинските власти.

Хамас ги обвини Израел и американскиот претседател Бајден дека упаднале во болницата. „Фактот што Белата куќа и Пентагон ги прифатија лажните тврдења на окупацијата дека движењето на отпорот го користи болничкиот комплекс „Ал Шифа“ за воени цели, ѝ даде одврзани раце на окупацијата да изврши други масакри врз цивили“, додаде Хамас.

Министерството за надворешни работи на палестинската управа ја обвини израелската армија за „флагрантно кршење“ на меѓународното право и повика на „меѓународна интервенција за заштита на цивилите“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK