Бајден: Неусвојувањето на пакетот помош за Украина ќе биде од корист на Путин

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американскиот претседател Џозеф Бајден ги повика претставниците на Републиканската партија во Претставничкиот дом на Конгресот итно да го стават на гласање пакетот помош за Украина, Израел и Тајван, вреден 95,3 милијарди долари, предупредувајќи дека отфрлањето на тој закон ќе влијае и ќе оди на прилог на рускиот претседател Владимир Путин.



Бајден рече дека поддршката за тој нацрт-закон, кој утрово беше усвоен од Сенатот, Горниот дом на Конгресот, претставува „спротивставување на Путин“, пренесува Асошиејтед прес.

„Историјата гледа. Сега не можеме да се скриеме. Токму на ова се обложува Путин“, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа.

Иако пакетот помош доби огромна поддршка во Сенатот утринава, неговото усвојување во Претставничкиот дом е неизвесно бидејќи на него се противат републиканците блиски до поранешниот американски претседател Доналд Трамп, критичар на поддршката за Украина.

Поддржувачите на помошта за Киев предупредуваат дека западното напуштање на Украина може да го охрабри Путин и да ја загрози безбедноста ширум светот.

Бајден, исто така, рече дека влогот за американската безбедност претходно бил голем и дека претходните денови станал уште поголем, бидејќи Трамп на предизборниот митинг во саботата испратил „опасна и неамериканска порака до светот“.

Изјавата на Трамп дека нема да ги заштити оние членки на НАТО кои не издвојуваат два отсто од својот бруто домашен производ за одбрана и дека ќе ја охрабри Русија да им прави „што сака“, Бајден ја оцени како „глупава, недостојна, опасна и антиамерикански”, наведувајќи дека „најлошото е што тој (Трамп) навистина го мисли тоа”.

„Кога Америка ќе даде збор, тоа значи нешто. Кога се обврзуваме, се држиме до тоа. Трамп не го гледа НАТО како сојуз кој ги штити Америка и светот, туку како товар. Тој смета дека НАТО е систем за рекетирање. Тој не разбира дека НАТО се заснова на суштинските принципи на слобода, безбедност и суверенитет“, додаде Бајден.

Бајден рече и дека претседателот на САД „никогаш во историјата не се поклонил пред руски диктатор“.

„Нашите противници долго време се обидуваат да направат пукнатини во алијансата. Најголемата надеж на сите оние кои сакаат штета на Америка е НАТО да се распадне. Можете да бидете сигурни дека тие навиваа слушајќи го Доналд Трамп“, рече Бајден.

Изјавата на Трамп, кој често ги критикува членките на НАТО кои не ги почитуваат нивните обврски во однос на распределбата на средствата за одбрана, предизвика остри реакции во Европа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK