Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг денеска ќе се сретнат во Калифорнија за да се обидат да ги стабилизираат заладените односи меѓу двете сили.
Средбата е планирана во областа Сан Франциско и ќе се одржи на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска заедница.
Бајден и Си не се виделе лично од самитот на Г-20 во Бали, Индонезија пред една година.
Американската страна соопшти дека целта на разговорите е да се организира натпреварувањето меѓу двете земји на одговорен начин, да се обезбедат канали за комуникација и да се избегне влегување во воен конфликт.
Во Пекинг, портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг оваа недела рече дека Кина сака односите да се вратат на „стабилен пат“.