Барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да се издаде налог за апсење на израелските лидери е безобразно и САД не се согласуваат со споредбата меѓу Израел и Хамас, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
„Да бидам јасен, што и да се обидува да имплицира овој обвинител, нема изедначување на Израел и Хамас“, рече Џо Бајден.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, пак, предупреди дека таква одлука може да ги загрози напорите за постигнување договор за прекин на огнот, договор за заложниците и за зголемување на хуманитарната помош во Газа.
„Го отфрламе обидот на обвинителот да го изедначи Израел со Хамас“, нагласи Блинкен.
Главниот обвинител на судот, Карим Кан, претходно денеска изјави дека се поднесени налози за апсење против Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант под обвинение за „поттикнување истребување, поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Покрај тоа, денеска судот побара апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије, кои се обвинети за „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуални напади“.