Земјите од Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и денеска не успеаја да постигнат единство за односите со хунтата во Мјанмар, а нивните министри за надворешни работи не успеаја да усвојат заедничка декларација.
Во Џакарта се одржува годишната средба на АСЕАН. Причината за одложувањето не е јасна, но претставник на АСЕАН изјави дека наскоро декларацијата ќе биде финализирана и објавена.
АСЕАН досега неуспешно се залагаше за спроведување на мировниот план од пет точки за Мјанмар, договорен со хунтата веднаш по државниот удар на почетокот на 2021 година.
На средбата во Џакарта не присуствува министерот за надворешни работи на Мјанмар. На функционерите на хунтата им е забрането да учествуваат на самитите на АСЕАН поради недостигот на напредок во планот, кој повикува на прекин на насилството и разговори меѓу војската и нејзините продемократски противници.
Неможноста да се изврши поголемо влијание врз хунтата ги подгреа сомнежите за ефикасноста на АСЕАН како регионален политички блок.
Индонезија, како претседавач со АСЕАН, вчера ги повика министрите за надворешни работи на организацијата да останат обединети пред ескалацијата на насилството во Мјанмар.
Малезија, жесток критичар на хунтата, го повика АСЕАН остро да ги осуди нејзините постапки, вклучително и насилството.
– Инсистирав посилна формулација за ова прашање да биде вклучена во заедничкото декларација на министерскиот состанок на АСЕАН, изјави синоќа малезискиот министер за надворешни работи Замбри Абдул Кадир.
АСЕАН неделава одржува состаноци и со претставници на САД, Кина, Русија и други големи партнери.