Рокот од 60 дена за постигнување и потпишување на конечен договор меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран истече во понеделникот. Не само што Џаред Кушнер, претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот зет, рече дека Техеран не е заинтересиран за постигнување договор, туку сега арапските разузнавачки служби открија и стратешки пресврт од страна на тврдокорното раководство на Иран што воопшто нема да ги задоволи Американците и нивните сојузници, пишуваат медиумите.
Откако Трамп потпиша Меморандум за разбирање со Иран кон средината на јуни, претставниците на неговата администрација започнаа дипломатска офанзива за да соберат поддршка за договор за кој се надеваа дека ќе го отвори повторно Ормускиот теснец и ќе го означи почетокот на крајот на војната.
Сепак, тврдокорните лидери на Иран се собраа во Техеран со многу поинаков план, според иранските и арапските претставници. Наместо да веруваат во преговорите, тие ги искористија изминатите два месеци за да се подготват за уште поголем конфликт.
Арапските разузнавачки службеници собрале докази – вклучувајќи пресретнати разговори меѓу Иран и сојузничките милиции во земји како Јемен и Ирак – за стратешка промена во рамките на тврдокорната елита на Иран кон подготовка на сили за проширување на војната и зголемување на трошоците за САД, велат службениците информирани за наодите. Всадувајќи страв кај послабите земји од Заливот како што е Кувајт, иранските лидери сè повеќе зборуваат за офанзивни операции на непријателска територија, пишува „Волстрит журнал“.
„Вистинската војна сè уште не започнала“
Нивната главна цел е да нанесат доволно штета за да се осигурат дека нападите како оние што ги претрпе Иран за време на 12-дневната војна минатата година и во сегашниот конфликт никогаш нема да се повторат.
– Во Иран постои широко распространето верување дека вистинската војна сè уште не започнала. Она што досега го видовме главно се толкува низ призмата на тактиката на „сечење салами“ – односно ограничена, постепена ескалација со цел ослабување на капацитетите на противникот пред голема конфронтација – рече Мухамед Хасан Сангтараш, аналитичар за одбрана со седиште во Техеран, близок до иранската влада.
– Револуционерната гарда го искористи затишјето создадено со меморандумот за разбирање за да подготви терен со сојузничките милиции низ целиот регион за зголемени напади доколку е потребно, испраќајќи советници во Ирак, Јемен и Либан за да разговараат за овие планови – изјавија официјални лица запознаени со неодамнешните наоди на арапското разузнавање, пренесува „Вострит журнал“.