Американците пушат марихуана повеќе отколку што пијат алкохол дневно, покажуваат истражувањата

marihuana.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Соединетите Американски Држави, дневната и речиси секојдневната употреба на марихуана е позастапена од нивото на консумирање алкохол, според анализата на националните податоци собрани во текот на четири децении.


Авторот на студијата, Џонатан Колкинс од Универзитетот Карнеги Мелон, рече дека консумацијата на алкохол е сè уште честа, но дека во 2022 година, интензивното ниво на употреба на марихуана за прв пат ја надминало честото консумирање алкохолни пијалоци, пишува АП.

„Добри 40 проценти од оние кои користат канабис го прават тоа секојдневно или речиси секојдневно, тренд што е повеќе поврзан со употребата на тутун отколку со редовното консумирање алкохол“, вели Колкинс.

Истражувањето, засновано на податоците од Националното истражување за употребата на дроги, беше објавено во средата во списанието Addiction. Истражувањето е високо ценет извор на проценки за употребата на тутун, алкохол и дрога во САД.

Пред две години, околу 17,7 милиони луѓе користеле марихуана дневно или речиси секојдневно, во споредба со 14,7 милиони кои пиеле алкохол со иста стапка, според студијата.

Стапката на дневна или речиси секојдневна употреба на марихуана по глава на жител се зголемила за 15 пати од 1992 до 2022 година.

Тој тренд одразува промена во политиката кон марихуаната.

Повеќето американски држави сега дозволуваат употреба на марихуана за медицински или рекреативни цели, иако таа сè уште е нелегална на федерално ниво.

Во ноември, гласачите во Флорида ќе одлучат за амандман на државниот устав кој ќе дозволи рекреативна употреба на марихуана, додека федералната влада планира да ја назначи како помалку опасна дрога.

Истражувањата покажуваат и дека честите корисници имаат поголема веројатност да станат зависници од марихуана, вели Дејвид А. Горлик, професор по психијатрија на Медицинскиот оддел на Универзитетот во Мериленд.

Горелик, кој не бил вклучен во новата студија, вели дека бројот на дневни корисници сугерира дека постои ризик повеќе луѓе да развијат проблематична употреба на канабис или да станат зависни.

„Честата употреба исто така го зголемува ризикот од развој на психоза поврзана со канабис, што е сериозна состојба кога личноста губи допир со реалноста“, предупреди тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK