Страницата за наоѓање сместување „Аирбнб“ се согласи да им плати на италијанските даночни власти 576 милиони евра за решавање на даночен спор. Италија вели дека сумата се однесува на пари што компанијата не ги наплатила како данок на приход од луѓе кои изнајмувале соби или имоти на популарната локација за краткорочно најмување.
Изнајмувачите во Италија мора да платат данок од 21% на нивната заработка. „Аирбнб“ објави дека нема да бара враќање на неплатените даноци од изнајмувачите. Минатиот месец, италијански судија нареди заплена на 779,5 милиони евра од европското седиште на Аирбнб во Ирска поради наводно затајување данок за даночните години 2017-2021.
Компанијата се согласи да плати околу три четвртини од долгот на илјадници сопственици. Италија, со туристички хит-дестинации како Венеција, Фиренца и Рим, е важен пазар за компанијата. Италијанските власти неодамна започнаа истраги за даночните практики на големите компании, како што е „Аирбнб“, пишува Би-би-си.
Минатата година, „Аирбнб“, која работи во земјата од 2008 година, го оспори италијанскиот закон кој бара давателите на краткорочни изнајмувања да задржат 21% од приходот од изнајмување и да го плаќаат на даночните власти. Компанијата тврдеше дека овој даночен закон е спротивно на принципот на ЕУ за слобода на обезбедување услуги во блокот од 27 земји.
Но, Судот на правдата на ЕУ пресуди дека „Аирбнб“ мора да го почитува законот. Во ноември, италијанските обвинители објавија дека компанијата не наплатила даноци од изнајмувачите за речиси 3,7 милијарди евра приход од изнајмување. „Аирбнб“ вели дека огромното мнозинство на сопственици се обични семејства кои сакаат да го надополнат својот приход.
Владата на премиерката Џорџа Мелони се обидува да го ограничи туристичкото изнајмување преку борба против даночното затајување. Планирано е зголемување на даноците од 21 на 26 отсто. Последниот потег е победа за владата. Тоа ќе им се допадне и на некои хотелиери, кои тврдат дека страниците како „Аирбнб“ претставуваат нелојална конкуренција.