Мотивот да го напишам овој текст е информацијата објавена во некои јавни медиуми на 2.02.2024 во која Владата предлага закон со кој треба да се потпише договор со приватната фирма Митилинеос од Грција како инвеститор за изградба на когенеративна гасна постројка за производство на електрична енергија со моќност од 130-165 MW и топлинска енергија од 90-105 MW.
Според Канал5 ТВ, предлагач е министерот за економија Крешник Бектеши, а потписник е Артан Груби – министер за политички систем, а законот треба да се донесе по скратена постапка. Инвестицијата ќе чини 290 милиони евра, од кои близу 50 милиони евра ќе ги даде државата како директна финансиска поддршка, без да добие удел во централата.
РМ ќе има неколку обврски, меѓу кои се следниве:
– Државата да формира нова индустриска зона во Гази Баба (Скопје).
– Произведената електрична и топлинска енергија да ја купува ЕСМ од инвеститорот, но по кои цени не е познато.
– При откупот нема да се применуваат закони и прописи кои ги уредуваат јавните набавки.
– Се спомнува (не)плаќање од инвеститорот на некои даноци во траење од 10 години.
Ова ми заличи на случајот со пректот ХЕЦ Чебрен во кој Владата донесе одлука за склучување договор со стратешки инвеститор од Грција. Голем број стручни лица укажаа дека таков договор не е поволен за нашата земја. За среќа тој договор не беше потпишан.
И овде се јавуваат истите дилеми. Зошто странски “стратешки“ инвеститор, а не РМ? Цената е премногу висока во споредба со веќе изградени такви гасни термоцентрали. Има и други забелешки, особено на обврските од наша страна (ЕСМ и државата).
Иако Владата често пати пласира информации во јавноста за големи активности во енергетскиот сектор во земјава, ако се погледне и анализира призводството на електрична енергија ќе се согледа поинаква (негативна) состојба.
Факт е дека има замав на инвестиции во инсталирање на фотоволтаици, но тие се на приватните компании кои беа мотивирани (приморани) заради високите цени на електричната енергија на слободниот пазар. Исто така, некои инвеститори на соларни централи ќе ја продаваат произведената електрична енергија на слободен пазар. Не знам зошто ваквите производители ги нарекувааат стратешки инвеститори.
Од друга страна, производството на електрична енергија од РЕК Битола и Осломеј се намалува заради застареност на опремата (чести дефекти) и немање доволно јаглен. Тоа значи дека РМ нема доволно базна електрична енергија со која треба да се покрие потрошувачката во периоди кога нема доволно производство од сонцето. Доказ за тоа се увезените количини на електрична енергија за кои се плаќаат големи суми на пари заради повисоките цени на берзите.
Според информациите и документите на владата кои се наоѓаат на вебсајтовите ќе се согледа хаос во изјавите и плановите. На пример, во најновата стратегија за енергетски развој на РМ до 2040 година е предвидено можна изградба на неколку гасни когенеративни централи, една со капацитет од 450 MW и неколку помали по 30 до 40 MW и тоа во периодот од 2023 до 2025 година. Од друга страна, на меѓународниот енергетски форум одржан во мај 2023 г. министерот Крешник Бектеши најави проект за инвестиција во гасна централа од 600 до 800 MW на локација кај ТЕЦ Неготино, заедно со партнери од регионот. Малку погоре во текстот е најавена изградба на когенеративна гасна централа од фирмата Митилинеос (Грција) како стратешки инвеститор. Ситуацијата со ХЕЦ Чебрен е неизвесна, потребен е нов почеток на активности, почеток од нула.
Јас сум на мислење дека инвестициите за изградба на нови големи централи за производство на електрична енергија треба да бидат на државата (државни јавни претпријатија), а ако има поволна услови може да се вклучи партнер, но сопственоста на објектот да биде најмалку 51% на државата. За ова треба да анализира и решава тим од експерти (економски, технички, правни, …).
Со оглед на фактот дека државата увезува електрична енергија која во одредени периоди има многу висока цена, треба да се одредат приоритети на инвестициите во разни области. Според мое мислење, инвестициите во автопатските коридори 8 и 10-Д треба да се редуцираат. Се работи за сума од 1,3 милијарди евра плус 300 милиони евра за експропријација на земјиште. Делницата Гостивар-Кичево треба итно да се гради, тоа е приоритет, не треба многу да се објаснуваат причините. Што се однесува до другите делници, патот Тетово-Гостивар е приближно на ниво на автопат и таму сообраќајот се одвива без застој. Патот Прилеп-Битола е на пониско ниво од претходниот, но се работи за прав пат без големи проблеми во одвивањето на сообраќајот. Според тоа, мора приоритет да се даде на изградбата на ХЕЦ Чебрен и најмалку една когенеративна гасна централа, а потоа да се градат патните делници Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола кои навистина треба да се градат, но подоцна.
Бидејќи се наближуваат парламентарните избори, би било добро решенијата за изградба на нови големи електро-енергетски објекти да се остават за новоизбраната влада бидејќи ќе треба таа да работи на нивната реализација.
Апелирам до пратениците на собранието на РМ да не го прифаќаат предложениот закон со кој треба да се потпише договор со приватната фирма Митилинеос од Грција како инвеститор за изградба на когенеративна гасна постројка во Скопје. Ако условите (обврските) наведени погоре се точни, тогаш тој нема да биде стратешки инвеститор, туку газда со добар сигурен профит, а државата РМ ќе биде еден вид крава за молзење.