Порано, го славев и јас овој датум, но денес веќе не сум сигурен дека така требало дури и тогаш, а еве зошто:
Прво и основно, затоа што вистинската историја за 8 Септември, сите ја буткаме “под тепих” и најчесто не сакаме да се соочиме со неа, со тој датум, кога не бевме единствени и кога голем дел од тие што вечерта беа на плоштад со чашите шампањско на бината, не беа воопшто согласни ни со Референдумот, ниту со прашањето на кое одговаравме на Референдумот, ниту со резултатот потоа.
А граѓаните, скоро сите одговорија позитивно, дека сакаат независна Македонија, сем Албанците кои беа индоктринирани од тогашните нивни политичари, да го бојкотираат Реферндумот.
Заборавивте?
А партиите и нивните водства, комплетно на различни страни, едни беа против можноста за стапување во евентуален сојуз во некоја идна заедница на суверени држави на Југославија, како што беше формулирано во референдумското прашање, други беа против, трети глумеа лудило со нешто измеѓу, кокетираа и со Србија, балансираа дома…
Веројатно и тоа го заборавивте?
Иако денес често се прикажува како „татко на независноста“, вистината е дека Глигоров во тоа време пробуваше да балансира и инсистираше на нешто кое и ден денес се влече како колбас, кој Македонија го живее надвор од рамките на институцијализирање во ЕУ.
Формулацијата на Референдумот со дипломатска двосмисленост во прашањето на кое дававме одговор беше „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право да влезе во идната заедница на суверени држави на Југославија?“.
Од тука се’ почна.
Народот не се побуни, (немаше можност како и постојано), остави политичарите да ја кројат судбината на сите.
Со зборовите „идна заедница на суверени држави“ Киро Глигоров прв се залагаше за да се остави отворена врата за разговор со Белград, без директна конфронтација, како божем за да не се предизвикал гневот на Србија и ЈНА.
Тоа беше формулација која беше премногу мека и нејасна со што се жртвуваше јасноста на желбата за целосна Независност.
Но, тоа го голтнавме сите.
Стравот од Србија и ЈНА, ни ги трасираше сите лоши причинско-последични резултатите кои подоцна ги доживеавме.
Цела година по тој 8 Септември, откога и покрај се’ сите рековме ЗА, Македонија влезе во многу специфична и деликатна позиција во споредба со Словенија и Хрватска.
Иако сите три републики се отцепуваа од Југославија, меѓународната заедница, пред сè Европската заедница (денешна ЕУ) и Обединетите нации (ОН), не ја третираа Македонија на ист начин.
Македонија, светот ја исфрли од патеката за признавање на Независност.
А причините зошто Македонија беше „исфрлена“ од патеката на Хрватска и Словенија се повеќеслојни – дипломатски, геополитички, историски и внатрешни.
Да ве потсетам и на тоа.
Прво и основно, немавме стратешко и геополитичко место како Словенија и Хрватска, затоа требаше да бидеме силни, прецизни, јасни и директни уште во референдумското прашање, за да знаат сите дека нема компромис со нашата Независност и желбите на народот.
Словенија беше најзападната република, географски блиску до ЕУ (Австрија и Италија), со силни економски врски со Западна Европа.
Хрватска имаше стратешко крајбрежје на Јадранското море, што беше важно за НАТО и ЕУ.
Македонија, пак, беше внатрешна република, мала и слабо вооружена држава, без излез на море, и без големо економско или воено значење за Западот.
Поради тоа, за европските лидери Македонија не беше приоритет, туку се гледаше како „периферно прашање“.
Тие сакаа прво да го решат конфликтот во Хрватска, кој веќе ескалираше во војна со ЈНА.
Македонија беше во „геополитичка сенка“ и не ја сметаа за итна закана или можност.
Затоа, ние моравме да бидеме директни и јасни уште на 8 Септември, со прашањето за Референдумот!
Без страв и седење на две столчиња.
Некои денес ќе кажат, “ама Македонија немаше војна”.
А кој гарантираше дека ќе има?
Зошто беше форматиран, стравот?
Не ли се мислеше дека Србија и ЈНА нема шанси да се расплинуваат на три фронта?
Зошто не лобиравме пред светот како што тоа го направија и Хрватите и Словенците?
Бидејќи токму тој наметнат форматиран страв кај народот, ја направи Македонија „невидлива”.
Конфликтите во Словенија и Хрватска ја шокираа Европа и медиумите, создавајќи силен притисок врз ЕУ и ОН да реагираат.
А Македонија, дремеше и гувееше во страв, само да не се ‘рчкаме.
Тоа е нашиот парадокс.
Од пусти страв “да нема војна” направивме Македонија светот да ја смета за помалку важна.
(А војна подоцна секако пак имавме, се надевам дека не го заборавивте тоа, ама внатрешна, уште полоша)
И така подоцна почна проблемот со Грција и пак од страв во коски, се’ прифативме.
Да ве потсетам дека во Декларацијата на Европската заедница од Брисел (од 16 декември 1991), во која беа признаени Словенија и Хрватска, Македонија беше изоставена.
Наместо тоа, беше воведен услов за име, што претставуваше преседан во меѓународните односи.
Македонија беше единствена поранешна југословенска република која мораше да преговара за сопственото име пред да биде признаена.
Сменивме и знаме, прифативме референца за името за кое тогашните наши политичари на власт не’ мафтосуваа дека тоа ќе биде за употреба само неколку месеци, колку за почеток, дур не’ запишат.
Ви текнува или и на тоа заборавивте?
Не знам дали се сеќавате дека тогашната Европската заедница во 1991 ја формира Бадинтеровата арбитражна комисија за да даде правни мислења за републиките.
Во јануари 1992, комисијата оцени:
Македонија исполнува услови за признавање, бидејќи донесе демократски устав и спроведе референдум.
Но, додаде дека постојат резерви поради спорот со Грција за името.
Тоа беше клучен момент:
Хрватска и Словенија беа веднаш признаени.
Македонија остана во „чекалница“, иако правно ги исполни сите критериуми, до ден денес.
До ден денес!
А се’ почна тој 8 Септември, кога не бевме директни, јасни и по секоја цена без компромис за нашата Независност.
Ај што немавме силни и јаки политичари со “јајца” и народ што не’ им дозволи така да настапат бидејќи сите се сложивме на крај од денот, немавме ни македонско лобирање во светот.
Немавне никаква развиена дипломатска мрежа, немавме силни сојузници во ЕУ или НАТО, немавме економска или воена моќ со која би влијаела врз големите сили.
Немавме ни храброст да кренеме глас, јако, прецизно и директно, без компромис, за нашата Независност!
А колку за споредба, Хрватска и Словенија веќе имаа силна дијаспора и лобисти на Западот, особено во Германија и Австрија, уште пред да одлучат да стануваат Независни.
Иронијата е дека токму затоа што Македонија со лабаво и непрецизно референдумско прашање на 8 Септември се одвои од Југославија, до денес е оставена на страна и мора дополнително да се бори за признавање, за идентитетот, за јазикот, за името…
Е затоа го поставив првото прашање од денешниов мој запис. Од оваа временска дистанца денес, мојот светоглед на денов е сосем различен и далеку е од еуфоричен.
Ај добро утро и имајте убав ден.