Кристал Палас ја освои Конференциската лига, со победата над Рајо Ваљекано 1:0. Финалниот натпревар во Лајпциг, го реши Жан-Филип Матета во 55.минута. Кристал Палас прв пат во историјата освои европски трофеј, но со ова финале заврши златната ера на Оливер Глазнер во клубот. Под водство на овој тренер Палас претходно го освои ФА купот и Суперкупот на Англија.
Во првото полувреме се почувствува важноста на овој натпревар. Рајо Ваљекано имаше сериозна шанса преку Унај Лопес од околу 18 метри кога доби одлична повратна топка, но шутираше покрај стативата. Алемао исто така се закани пред тоа, но шутираше лошо во шеснаесетникот.
Најдобрата шанса во првите 45 минути ја имаше Кристал Палас. Мичел од непосредна близина лошо шутираше.
Избраниците на Оливер Глазнер поводеа во вистинско време. Вортон упати одличен удар од далечина, Батаља го одби, а Матета се најде на вистонското место и ја смести топката во празната мрежа.
Кристал Палас можеше да ја дуплира предноста по само неколку минути. Пино испрати ракета од слободниот удар, погоди две стативи, а топката излезе надвор од голот.
Веќе во следниот напад, Матета имаше шанса, но Батаља брилијантно одбрани.
Кога ќе се погледне сè, тимот на Оливер Глазнер успеа да го затвори натпреварот како што треба, бидејќи шпанскиот клуб немаше сериозна шанса до крајот . Последниот обид Шпанците го имаа во 94-та минута, преку Алемао остана сам и шутираше по добар прием, но покрај стативата.
Foto/ EPA