Тренерот на Карлос Алкараз, поранешен шампион на Ролан Гарос, Хуан Карлос Фереро, нема дилема дека Новак Ѓоковиќ е најдобриот тенисер во историјата на „белиот спорт“.
Ѓоковиќ, неодамна на Завршниот мастерс во Торино, го победи Алкараз во полфиналето со 2:0 (6:3, 6:2).
„Нема повеќе зборови со кои би можел да го пофалам. Се „лигавим“ кога го гледам како ја удира топката, како се движи… Кога менатлно е онака како што треба и не се занимава со споредни работи, тоа е чисто тениско варварство! Начинот на кој се справува со клучните моменти во мечот и тајмингот е единствен во светот на тенисот. Квалитетот на неговата игра е импресивен бидејќи практично во секој поен врши огромен притисок врз противникот. Не можете да видите како промашува два удари по ред. Тоа ви кажува колку е добар и колку сака да биде подобар“, вели Фереро.
Поранешниот победник на Ролан Гарос не се сомнева дека Ѓоковиќ е најголемиот во историјата на овој спорт.
„Погледнете ја неговата кариера… Настрана бројките и трофеите, за мене тој е најдобар, иако тоа е комплицирана тема. Можете да го преферирате Федерер поради неговиот стил на игра, Надал поради неговата посветеност и сето она што го освои. Нивните достигнувања се неспорни, но за мене Новак е најдобар во историјата“.