Шок во Аргентина – Селекторот Скалони најави заминување

Откако извиси за Кепа, Баерн тргна по голманот на Севилја
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Аргентина забележа победа во големото дерби во Рио де Жанеиро. „Гаучосите“ го победија Бразил со 1:0, со голот на ветеранот Николас Отаменди.


По натпреварот и остварената петта победа во шестиот квалификациски меч, аргентинскиот селектор Лионел Скалони ја шокираше јавноста со изјавата дека размислува да ја напушти функцијата.

„Сакав да кажам една важна работа… Морам да размислувам за многу работи во овој момент. Морам да размислувам за тоа што ќе правам“, рече Скалони пред да појасни:

„Нема да заминам, но морам да размислам. Целите се многу високи и тешко е да продолжиме да победуваме. Нашите играчи заслужуваат тренер кој ќе им даде максимална енергија… Тоа ќе им го кажам на претседателот и на играчите“.

После тоа, Скалони, кој минатата година го освои Светското првенство со Аргентина, ја напушти прес-конференцијата без да одговори на новинарските прашања. Подоцна се покажа дека тој побарал од својот стручен штаб да се врати на теренот за да можат да позираат заедно за „последна фотографија“.

Аргентинските медиуми пренесуваат дека Скалони не им кажал на играчите во соблекувалната дека заминува и дека не разговарал со челниците на Фудбалскиот сојуз на Аргентина кои биле на Маракана. Аргентина пред натпреварот против Бразил загуби од Уругвај пред своите гледачи и тој пораз очигледно тешко го погоди Скалони.

„Веста ја примивме во еуфорија и славење. Вистински шок! Ќе мора да разговараме со тренерот, се надевам дека ќе ги смири емоциите. Ова беше тешка недела за нас“, изјави дефанзивецот Николас Отаменди.

Скалони ја презеде Аргентина по Светското првенство во 2018 година и оствари 48 победи со шест порази во 66 натпревари. Покрај Светското првенство, тој ја освои и Копа Америка во 2021 година и беше избран за најдобар тренер во светот од ФИФА.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK