Семејството на седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, доби 200.000 евра отштета од издавачот на германски магазин Актуел, кој објави „интервју“ со легендарниот возач, направен со помош на вештачка интелигенција.
Уредникот на списанието беше отпуштен минатата година, а издавачот му се извини на семејството. На насловната страница на 15 април минатата година весникот објави фотографија од Шумахер со наслов: „Михаел Шумахер, прво интервју“.
Поднасловот гласеше „Звучи измамливо реално“, а во текстот пишуваше дека цитатите се направени од вештачка интелигенција.
Еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1 доживеа тешка повреда на главата на скијање во декември 2013 година и оттогаш не е виден во јавноста.
Шест месеци беше во индуцирана кома, од која беше разбуден во јуни 2014 година, а во септември истата година беше пуштен на домашно лекување и оттогаш нема информации за неговата состојба.
За Шумахер се грижи сопругата Корина и медицинскиот персонал во нивниот дом на Женевското езеро.
Шумахер е еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1 со седум титули (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003, 2004), 91 победа и 155 пласмани на подиумот.
Семејството ја чува неговата приватност, па дури и многу пријатели и роднини не ја знаат неговата состојба.
Во документарецот емитуван на Нетфликс во 2021 година, Корина Шумахер рече дека оди на рехабилитација и сега е „поинаков, но е тука“.