Европското првенство во Скопје е извонредна можност за промоција на Македонија
Главниот град на Македонија ќе биде центарот на европските џудисти од 26 до 29 јуни оваа година, кога ќе се одржи Европското првенство за кадети во организација на Европската Џудо Унија (EJU). Под слоганот „Младите ѕвезди на иднината“, овој престижен настан ќе ги собере најдобрите млади џудисти од целиот континент, кои ќе се натпреваруваат за европските медали и ќе ја покажат својата сила, техника и спортски дух.
По тој повод претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски ги изнесе најновите информации поврзани со овој најголем настан што како организација и е доверен на нашата џудо федерација.
-Со задоволство можам да констатирам дека досега сите подготовки одат во најдобар ред. Од 51 земја членки на Европската џудо федерација, досега 19 се пријавени за настап во Скопје. Се разбира, роковите не се истечени, има време да се пријават и другите, но она што е посебно важно за нас е дека најдобрите и најквалитетните федерации – како Грузија, Азербејџан, Германија, Франција, Швајцарија…, веќе го потврдија своето учество. Само за илустрација, за нивните натпреварувачи и придружните членови на делегациите веќе резервиравме два полни хотела. Тоа значи дека околу 400 луѓе го потврдија своето доаѓање, вклучително и првите луѓе на Европската џудо федерација, така што очекуваме рекорден број учесници на едно кадетско првенство. Ова го базирам на секојдневните контакти со моите европски колеги, така што реално очекувам барем 40 земји да се натпреваруваат во Скопје – вели Трпаноски.
Тој додава дека на 12 јуни ќе учествува на Конгресот на Светската џудо федерација, во рамки на Светското првенство во Будимпешта, па таму ќе има можност повторно да се сретне со своите колеги и да ги добие сите дополнителни информации околу конечната листа на учесници.
-Ние се подготвуваме максимално сериозно, бидејќи во џудото владеат високи критериуми кои мора да се испочитуваат. Кај нас многу малку се знае за овој аспект, па токму затоа, сакаме да и покажеме на пошироката јавност дека не станува збор само за благороден спорт, туку и одлично организирана џудо заедница на глобален план. Воедно, сакаме да ја оправдаме одличната доверба што ја имаме кај Европската федерација, особено по организацијата на двата џудо купови кај нас, кога се создадоа услови да се кандидираме и за Европско првенство. Тука сакам да потенцирам дека ова ЕП ќе биде извонредна можност за промоција на Македонија. Имено, кадетите како натпреварувачка категорија се најбројни во системот на џудото. Ако се земе предвид дека на светската сцена воопшто доаѓа до смена на генерациите, тогаш е разбирливо зошто токму на кадетите им се посветува големо внимание во џудото и оттаму доаѓа големата и сериозна заинтересираност за учество на првенството во Скопје – додава првиот човек на македонското џудо.
Трпаноски со задоволство истакнува дека Скопје и Македонија го добија првенството во конкуренција на шест други држави, кои вообичаено подобро котираат од нас на ранг-листите, но нашите досегашни залагања ни овозможија да добиеме организација на настан што ретко се добива.
-Токму затоа, ова е најсериозен и најголем настан за Македонија, бидејќи ќе бидат присутни сите најважни луѓе на европското џудо, а на натпреварувачки план сите најквалитетни натпреварувачи за оваа возраст. Тоа ќе биде извонредна можност за нашите џудисти да ги одмерат силите со своите врсници, бидејќи ние како федерација немаме можности да одиме на сите турнири во Европа и светот. Истовремено, очекувам многу деца од Македонија да дојдат и да ги проследат натпреварите, да се запознаат со оваа благородна вештина, да ја засакаат и веќе утредента да чукнат на вратите на нашите клубови – вели претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски.