Повикот за репрезентацијата го добил преку социјалната мрежа LinkedIn додека работел како банкар во Даблин, а денес поранешниот ирски службеник Роберто Лопес Пико ремизираше со Шпанија на Светското првенство, настапувајќи за малата островска држава Зеленортски Острови, оддалечена речиси 5.000 километри од неговиот роден град. Неговата неверојатна приказна е само дел од фудбалската бајка на дебитантите на Мундијалот, пишува BBC.
Од банкарски службеник до фудбалска ѕвезда
„Не уживав во таа работа“, изјавил 33-годишниот Лопес за својот поранешен канцелариски живот, присетувајќи се на необичниот пат од службеник во Ирска до репрезентативец на Зеленортските Острови на нивното прво Светско првенство.
Дефанзивецот, познат по прекарот Пико, пред десет години штотуку стекнал квалификација за хипотекарен советник и паралелно играл за Бохемианс во ирската лига.
Во 2017 година добил понуда од дублинскиот ривал Шамрок Роверс да ја напушти секојдневната работа и целосно да се посвети на професионалниот фудбал. За одлуката не зажалил.
Денес беше дел од почетниот состав на Зеленортските Острови. Поранешниот младински репрезентативец на Ирска дебитирал за „Сините ајкули“, како што гласи прекарот на репрезентацијата на Зеленортските Острови, во 2019 година.
Тогашниот селектор Руи Агваш стапил во контакт со него преку професионалната мрежа LinkedIn, откако дознал дека таткото на Лопес, Карлос, потекнува од Зеленортските Острови – држава составена од десет острови во Атлантскиот Океан, крај западниот брег на Африка.
Повик преку LinkedIn
Лопес, кој и денес настапува за Шамрок Роверс, првата порака од поранешниот напаѓач на Бенфика, напишана на португалски јазик, случајно ја игнорирал.
„Мислев дека е спам и не обрнав внимание“, изјавил за BBC Sport.
„Потоа, околу девет месеци подоцна, повторно ми испрати порака со прашање: ‘Здраво Роберто, дали успеа да размислиш за она што ти го пишав?’“
„Ми беше многу непријатно што не сум му одговорил со месеци. Ја копирав пораката, ја ставив на Google Translate и во суштина пишуваше: ‘Бараме нови играчи за репрезентацијата на Зеленортските Острови. Дали би сакал да играш за нас?’“
„Бев апсолутно воодушевен. Помислив: ‘Да, сто проценти сакам да бидам дел од овој тим.’“
Тоа бил почетокот на необичната приказна на Лопес, кој во последните седум години е стандарден првотимец на „Сините ајкули“.
Настапот на Зеленортските Острови на Светското првенство 2026, каде што во групата ќе играат и против Саудиска Арабија и Уругвај, е една од најубавите приказни на турнирот.