Жозе Мурињо пристигна во Истанбул каде ќе го тренира Фенербахче за годишна плата од 10 милиони евра.
Португалецот потпиша на две години, а еден од првите потези во гигантот од Истанбул беше повикот до неговиот поранешен клуб Реал Мадрид да го убеди раководството да го испрати Арда Ѓулер на позајмица.
Еден од најголемите турски таленти од Фенер минатото лето пристигна во Реал и потпиша шестгодишен договор.
Сепак, младиот офанзивец поради големата конкуренција и бројните повреди настапи на само 10 првенствени натпревари. Сепак, тој за само 373 минути поминати на теренот постигна дури шест гола.
Бидејќи Килијан Мбапе и Ендрик од следната сезона дополнително ќе ја зголемат конкуренцијата во нападот на Реал, јасно е дека на Ѓулер ќе му биде тешко да игра под водство на Анчелоти.
Поради тоа, според шпанските медиуми, Мурињо стапил во контакт со Реал и му предложил да го вратат Ѓулер во Фенер на позајмица до крајот на сезоната.