Франција го победи Сенегал со 3:1, во првото коло на Светското првенство. Килијан Мбапе погоди за Франција во 66-та и 96-та минута, а Бредли Баркола во 82-та минута. Единствениот гол за Сенегал го постигна 18-годишниот бисер Ибрахим Мбаје 95-та минута, 20 минути откако влезе во игра.
И покрај поразот на неговиот тим, Мбаје постигна гол кој влезе во фудбалската историја. Со голот против Франција, играчот на ПСЖ не само што накратко ја врати надежта на својата репрезентација, туку стана и најмладиот африкански стрелец во историјата на светските првенства.
Мбаје, до ова остварување дојде на возраст од 18 години и 142 дена, со што постави нов рекорд. Претходниот рекорд го држеше неговиот сонародник Муса Ваге, кој постигна гол против Јапонија на Светското првенство во 2018 година. Ваге тогаш имаше 19 години и 263 дена.
Мбаје стана и четвртиот најмлад стрелец во историјата на светските првенства. Рекордот сè уште го држи Пеле, кој го постигна првиот гол на 17 години и 239 дена, по него следуваат Мануел Росас (18 години и 93 дена) и Гави (18 години и 110 дена).
Ибрахим Мбаје е млад фудбалер на ПСЖ кој брзо се проби низ академијата на клубот и привлече внимание како еден од најталентираните играчи на својата генерација. Тој пристигна во ПСЖ кога имаше само 10 години и помина низ речиси сите возрасни групи.
Дебитираше за првиот тим во 2024 година, а досега во 42 настапи постигна четири гола и додаде уште четири асистенции за само 1.500 минути на теренот.
Мбаје помина низ младинските селекции на Франција, од У-16 до У-20, но во 2024 година одлучи да ја промени земјата за која игра и оттогаш го претставува Сенегал. Досега тој постигна четири гола во 12 настапи.
Најмлади стрелци во историјата на Светските првенства:
Пеле (Бразил – 1958), 17 години и 239 дена
Мануел Росас (Мексико – 1930), 18 години и 93 дена
Гави (Шпанија – 2022), 18 години и 110 дена
Ибрахим Мбаје (Сенегал – 2026), 18 години и 142 дена
Foto/ Depositphotos